Во името на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Николина Нолчева го честиташе 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.
„Денес е ден на словенската писменост и култура, ден на цивилизациските дострели на кирилометодиевската дејност.
Воедно, на сите просветни работници им го честитаме денешниот празник, зашто токму тие, со својата самопрегорна работа, претставуваат промотори на кирилометодиевската визија: да создаваат просветени поколенија, писмени и образовани граѓани.
Потребата на секој човек слободно да се изразува на јазикот што го говори, светите Кирил и Методиј ја издигнаа во универзална вредност. Затоа, ние, со гордост и со достоинство го чествуваме нивното дело и делата на сите нивни ученици и следбеници, од светите Климент и Наум Охридски до Блаже Конески и потоа. Затоа што без кирилометодиевската мисија немаше да израснат ниту такви колоси во македонската култура и традиција.
Ние остануваме посветени на негувањето и на грижата на употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Зашто, токму македонскиот јазик е еден од стожерните словенски јазици врз кој се втемелуваше словенската традиција. Но тоа е и јазик што прерасна во една космополитска категорија, јазик – прибежиште за сите јазици и народи што се чувствуваат загрозени и својата заштита ја препознаа токму под крилото на македонскиот јазик.
Како партија што ја предводи Владата и мнозинството во Собранието, нашата грижа за македонскиот јазик значи грижа за демократските и за човековите вредности.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како државотворна партија, пред себе има зацртано јасни програмски определби за грижата и за негувањето на македонскиот јазик. За краток период се постигнаа неколку придобивки:
Прво, 5 мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик!
Второ, возобновен е процесот за полагање за лектор по македонски јазик што повеќе од четири години воопшто не се одржуваше!
Трето, овозможен е електронски слободен пристап до најновото издание на „Правописот на македонскиот јазик“!
Четврто, со Договорот во Преспа, македонскиот јазик уште еднаш се утврди како меѓународно признат јазик.
Продолжуваме со реализација на програмските определби и реформи, посветени на грижата и негувањето на македонскиот јазик!
Уште еднаш нека е честит и вековит 24 Мај – Денот на словенските просветители, браќата Кирил и Методиј!“