Откако Заев е на власт стапката на сиромаштија секојдневно расте. Над 500 илјади граѓани во Република Македонија се сиромашни. Токму овој податок говори колку реално владата на СДСМ се залага за социјално ранливите категории на граѓани, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението на СДСМ.
Пратениците од пратеничката група на СДСМ не ги прифатија амандманите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со кои реално ќе им се помогнеше на најзагрозените семејства во државатa. Владата на СДСМ не прифати домаќинства кои користат гарантирана минимална помош да остваруваат паричен додаток од 1.000 денари заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството 12 месеци во годината наместо предвидените 6 месеци во предложеното законско решение.
СДСМ не прифати зголемување на надоместокот за потполно глувите лица од 4.100 денари на 5.200 денари. Заев и неговата влада не прифати да се продолжи правото на парична помош на мајка која родила четврто дете која се грижела за своите деца до нивната 18 годишна возраст, која е невработена и не користи право на пензија по наполнување на 62 години живот. Ова право беше предвидено како и во старото законско решение да изнесува 8.000 денари. Власта реално да се грижеше за социјално ранливите категории немаше сиромаштијата да достигне до 500.000 граѓани во Македонија. Заев да сакаше да помогне немаше да ги скрати сите мерки кои се од корист на граѓаните, а донесени во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Владата на Зоран Заев ќе одговара за расипничкото трошење на парите на граѓаните и ќе се стави крај на сето ова што го прават.