Во Делчево денеска се одржа втората работилница во рамки на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција”. Организатор на настанот е здружението „Мобилност”, меѓуопштинско здружение за општините Кочани, Виница, Берово и Делчево, чиј претставник Василчо Илиев, истакна дека целта на настанот е јавноста да се запознае со проблемите на лицата со попреченост.
-Целта на оваа работилница е да ја запознаеме пошироката јавност конкретно со проблемите на пристапноста на зградите, објектите и услугите кои постојат во речиси сите општини, се со цел да се извлечат соодветни заклучоци кои понатаму ќе бидат доставени до надлежните институции и органи за подобрување на пристапот на лицата со попреченост, истакна Илиев.
За жал како што вели Златко Арсовски, лице со попреченост од Делчево, состојбата со пристапност до одредени објекти во Делчево и пошироко не е на задоволително ниво.
-Има места кои се пристапни, но постојат и доста места кои се непристапни како што се зградата на локална самоуправа, градската библиотека, поштата, одредени банки. Имаме со градоначалникот добра соработка, така што се надеваме дека во иднина со текот на времето некои места каде имаме проблеми со пристапноста ќе се решаваат, истакна Арсовски.
Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција” го реализира Англиски институт за медиуми во соработка со Европската канцеларија и Македонскиот институт за медиуми.