Барселона пак шокирана: Валенсија победник на купот

Фудбалерите на Валенсија со 2:1 ја победија Барселона во финалето на купот на Шпанија на стадионот „Бенито Виљамарин“ во Севиља. По сензационалната елиминација од Ливерпул во Лигата на шампионите, Барселона го загуби и купот и сезоната ќе ја заврши само со освоеното првенство.

Валенсија поведе уште во 21. минута со голот на Гамеиро, а десетина минути подоцна Родриго со глава зголеми на 2:0. Барселона долго се мачеше да се врати во игра па во 73. минута Меси по  одбиена топка постигна гол за 2:1. Каталонците со сите сили се обидуваа да дојдат до изедначување, но не успеаја.

Сепак, Меси од вечерва е рекордер според бројот на постигнати голови во финалните дуели од Копа дел Реј. Тој шести пат успеа да ги затресе противничките мрежи, но првпат кога тој дал гол, Барселона не победи. Претходно триумфираше во 2009, 2012, 2015, 2017 и 2018 година.
Со ова тој ја заврши сезоната со 51 постигнат гол во сите натпреварувања на клупско ниво, убедливо најмногу од сите фудбалери во Европа и светот.

Треба да знаете
Последни објави