Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак – Томиќ.
На средбата, соопшти неговиот кабинет, двајцата соговорници разговарале за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, како и за актуелните состојби во регионот.
Пендаровски изразил уверување дека традиционалното пријателство меѓу двете земји и натаму ќе се зајакнува и дека Република Северна Македонија е насочена кон градење блиски и позитивни односи со Република Србија. Претседателот Пендаровски истакнал дека неодамнешната средба со претседателот Вучиќ за време на инаугурацијата ја потврдува заедничката заложба за натамошно градење на пријателството, добрососедските односи и регионалната соработка.
Во однос на европските интеграциски процеси за земјите од регионот, Пендаровски истакнал дека европски интегриран Балкан е важен предуслов за напреден и економски просперитетен регион. Изразил очекување дека Европската унија ќе ги има предвид овие околности кога ќе одлучува за напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот европски пат.
Амбасадорката Дивјак – Томиќ на претседателот Пендаровски му го честитала стапувањето на функцијата, му посакала успех во работата и истакнала дека таа ќе придонесе во интензивирање на билатералната соработка на сите полиња од заеднички интерес.