Потребно е зајакнување на комуникацијата и соработката помеѓу различните култури и заедници во насока на создавање општество кое е фер и правично и ги прави граѓаните подеднакви, беше кажано на денешната дебата во Кочани организирана од Генералниот секретаријат на Владата за Нацрт текстот на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот.
На дебатата за стратегијата која е документ што првпат се подготвува во нашата земја, се обратија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски и претставничката на Фондацијата Отворено општество, Славица Инџевска.
– Владата силно го поддржува и го промовира граѓанскиот активизам, како концепт во кој различностите и посебностите на сите граѓани треба да дојдат до израз. За разликите треба да дебатираме и да отвориме широк простор, како во самата Влада и во институциите, така и во локалните заедници и самоуправи. Поеиднецот, односно граѓанинот треба да биде пред сè, што е од исклучителна важност и затоа со особено внимание го развиваме и овој петти столб во рамки на нашата програма. Во стратегијата се развиени анализи и акциски планови во седум различни области, од образование, култура, млади и останатите сфери што заеднички ќе бидат дискутирани со граѓаните, од кои очекуваме силна вклученост, истакна министерот Николовски.
Пред граѓаните на дебатата беше потенцирано дека цел на Националната стратегија е да се гради општество во кое секој ќе се чувствува како негов припадник и преку неа да се спроведат препораките на меѓународните тела на Обединетите нации, Советот на Европа, Европската комисија, како и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
– Време е да се исчекори еден сериозен чекор напред за да се покаже зрелост дека сме подготвени да му дадеме шанса на секого во општеството, да има инклузија и социјална правда за секој граѓанин. Дебатата е инструмент што граѓаните треба да го препознаат и моделираат и да го користат на долг рок, затоа што само така може да се очекува развој и напредок, истакна директорот на Комисијата за односи со верските заедници Сотировски.
Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот е тригодишен проект и во зависност од имплементацијата и забелешките на граѓаните, во наредниот период ќе се работи на нејзината финална рамка.