Со средства од ИПА фондовите пред четири години на археолошкиот локалитет „Вардарски рид” кај Гевгелија беше пуштена во употреба еко патека вредна околу 180.000 евра која денеска е во очајна состојба поради крајно неодговорното однесување на несовесните посетитетли во вечерните часови.
Урбаната опрема, која беше поставена покрај патеката долга 615 метри, речиси е целосно уништена. За неа сведочат останатите делови од описните табли, канделабрите,клупите, летниковците и другите придружни елементи кои на гевгеличани требаше да им понудат место за релаксација и одмор во слободното време.
Наместо тоа, ретките посетители, како што велат, инспирирани од глетката, се сведоци на резултатите од дивеење на вандали кои за жал успеале да демолираат се.
-Ова е жалосно да се гледа. Крајно време е да се преземе нешто затоа што ние не сме дивјаци.Гевгелија не е град во држава од некој трет свет, туку од секогаш била порта кон Европа каде живеат културни луѓе, велат гневните посетители, граѓани на Гевгелија кои бараат од општината и надлежните институции секој да си го преземе делот од одговорноста.
Порачуваат дека за тоа има начини, методи и потенцијал да се направи и дека ни треба само желба да го сочуваме своето и се разбира со прст да ги покажеме тие што ни го уништуваат.
-Мора нашиот град да си го направиме уште подобро место за живот и заедно со надлежните институции и општинската власт да ставиме крај на девијацијата што секојдневно ја гледаме. Пред извесно време излеговме на крај со мултимилионерски компании кои сакаа над главите да ни градат рудници и уверени сме дека ако се има желба ќе излеземе на крај и со овој проблем, велат гневните граѓани.
Упатија апел до надлежните и општинските власти мерки за заштита да се преземат час поскоро за по четири години да не дозволат вака очајно да изгледа и излетиштето „Динќут”, кој со околу 170.000 евра беше преуреден во модерен спортско – рекреативен центар и пред некој ден беше свечено пуштен во употреба.