СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Б.Н.(37) и Т.П.(58), двајцата од Скопје, осомничени за измама.
Првопријавениот Б.Н., во договор со второпријавениот Т.П., во април и мај 2019 година, во неколку наврати побарале и примиле парични средства во вкупен износ од 750.000 денари од раководно лице во приватна фирма.
Тие го измамиле односно лажно го информирале дека паричните средства кои ги побарале ќе бидат искористени како донација за финансирање на изборната кампања на една политичка партија за претседателските избори 2019 година. Второпријавениот на овој начин од оштетениот побарал и примил парични средства во износ од 200.000 денари. Тој се претставил лажно, како портпарол на политичката партија. После тоа, пријавените во два наврати побарале и примиле парични средства од оштетениот, во вкупен износ од 550.000 денари, наводно за финансирање на тековните трошоци на изборната кампања на политичката партија.
По добивање на пријавата, СВР-Скопје презеде соодветни мерки и со претходно издадена судска наредба извршен е претрес на дом, лице и на превозно средство заради пронаоѓање на траги и предмети при што одземени се предмети како доказ во кривичната постапка. По завршувањето на претресот, пријавените се лишени од слобода.