Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров.
На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во Република Северна Македонија, како и за состојбите во регионот. Двајцата соговорници разговараа и за идната соработка меѓу двете институции.
Претседателот Пендаровски и министерот Димитров се согласија за потребата од конкретна и суштинска соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Министерството за надворешни работи за прашањата од споделена надлежност, а во функција на усогласен настап на меѓународен план и реализација на стратешките цели на Република Северна Македонија.
На средбата се разговараше и за функционалноста на постоечката дипломатска-конзуларна мрежа и за потребата од скорешно пополнување на приоритетните дипломатско-конзуларни претставништва, со цел непречена реализација на надворешно-политичките приоритети.
Претседателот Пендаровски и министерот Димитров изразија очекување за валоризација на севкупните напори на земјата од страна на Европскиот совет и одредување на датум за пристапни преговори на Република Северна Македонија со Европската унија.