Шефот на дипломатијата Никола Димитров утре на покана на словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак во Братислава ќе учествува на Министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан.
Вишеградската група – В4, која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија е традиционален поддржувач на европската перспектива на Балканот. Потврда за тоа, се наведува во соопштението на МНР, претставува и одржувањето на редовните годишни состаноци во овој формат, помеѓу министрите за надворешни работи на В4 и Западен Балкан.
Овогодинешниот состанок во Братислава се одржува во рамките на словачкото претседателство со Вишеградската група.
Темите кои ќе бидат предмет на дискусија на состанокот се унапредувањето на реформскиот и евроинтеграциски процес на земјите од Западен Балкан – научените лекции, а ќе се разговара и за заедничката европска иднина во новиот геополитички контекст.