Преспанскиот договор потпишан меѓу Грција и Северна Македонија е историски чекор во надворешната политика на грчката влада и тој треба да се почитува од сите идни администрации, изјави германскиот заменик-министер за надворешни работи, Михаел Рот, пренесе „Катимерини“.
Според него, договорот донел стабилност во регионот. Германскиот дипломат ова го изјавил за време на брифингот со странски дописници во Министерството по повикот за предвремени избори од страна на грчкиот премиер Алексис Ципрас кога неговата партија СИРИЗА беше поразена на вчерашните европски избори.
„Конечно, веруваме дека секоја влада што ќе дојде во Грција, ќе се соочи со своите одговорности во служба на мирот, помирувањето и стабилноста во регионот“, порача Рот појаснувајќи дека неговиот оптимизам не е врзан за кој било конкретен исход од идните избори во земјата.