Предвремените парламентарни избори во Грција би можело да се одржат на 7 јули наместо на 30 јуни, а причина за тоа се приемните испити на грчките универзитети, кои ќе траат од 6 јуни до 2 јули, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
По поразот на владејачката партија СИРИЗА на изборите за Европскиот парламент, премиерот Алексис Ципрас најави дека ќе побара распишување предвремени парламентарни избори по вториот круг на локалните избори, кои ќе се одржат следната недела.
Ден по изборите во Европскиот парламент, грчките медиуми пренесоа дека датум за предвремените парламентарни избори во Грција би можел да биде 30 јуни, но веќе се размислува за поместување на овој датум бидејќи повеќето од избирачките места се наоѓаат во училишта каде што се одржуваат приемните испити.