Малезија ќе врати до 3.300 тони пластичен отпад во земјите од кои доаѓа, изјави министерката за животна средина на земјата, Јео Би Јин.
Пластиката доаѓа од најмалку 14 земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, САД, Канада, Јапонија и Австралија. Претходно овој месец, владата на Малезија исто така испрати пет контејнери со отпад назад во Шпанија.
„Малезија нема да биде депонија за светот … ќе се бориме против тоа“, изјави Јео Би Јин. „Иако сме мала земја, нема да бидеме малтретирани од развиените земји“.
Земјите кои ја фрлаат оваа пластика, потврдува министерката, веруваат дека ќе се рециклираат. Но реалноста е дека голем дел од отпадот на овие просперитетни земји се фрла низ Југоисточна Азија.
Само една британска компанија извезла над 55.000 тони пластичен отпад во Малезија во изминатите две години.
„Ова е многу сериозно“, нагласува Јин.
Малезија стана примарен увозител на странски отпад откако минатата година Кина го забрани увозот на отпад. Оттогаш во земјата се појавија десетици таканаречени „компании за рециклирање“, од кои многу работат без дозволи.
„Малезијците како и секоја друга земја во развој имаат право на чист воздух, чиста вода, одржливи ресурси и чиста животна средина за живот, исто како и граѓаните на развиените нации“, додаде министерката.