Од над 700 илјади работни места колку што се отворени на Западен Балкан од 2012 до сега, само 4,3 отсто биле наменети за млади луѓе под 24 години, изјави генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу денеска во Букурешт.
Зборувајќи на Конференцијата што е посветена на младите од Западен Балкан и политиките на ЕУ, што ја организира Романија и РСС, Брегу појасни дека таквите бројки со кои располагаат целосно ја појаснуваат загриженоста на граѓаните поради одливот на висококвалификувана работна сила, која веќе достигнала 13 отсто на ниво на регион.
-Младите луѓе сочинуваат една петина од вкупното население на Западен Балкан, а воедно се и најобразованиот дел од нашата работна сила…Мораме да вложиме во младите да останат и своите таленти да ги вложат во подобрување на сопствените, но и на нашите животи. Тоа е најмалку што можеме да направиме за нашата иднина, рече Брегу на конференцијата “Како подобро да се одговори на европската ориентација на малдите генерации од Зпаден Балкан”.
На Конференцијата на која се собраа преку 200 млади активисти од Западен Балкан, главните теми се вработување на младите, млади претприемачи и нивните иновации и новите стартап компании формирани од младите, соопшти РСС.