Најмалку четворица вработени беа прободени со нож во редакцијата на рускиот комунистички весник „Родина” во јужниот дел на градот Ставропол. Се претпоставува дека тоа го сторил човек (73) на кој не му бил објавен текстот за Јосиф Висарионович Сталин, објавија руските медиуми.
Според сведокот, револтираниот човек влегол во редакцијата и го барал уредникот. Го прашал што се случило со неговиот текст и зошто не бил објавен, по што започнала силна кавга.
„Прво слушнавме расправа, разговараа за необјавен текст. Во еден момент незадоволниот човек извади нож и го прободе уредникот“, рече регионалниот обвинител Виктор Лозовој, кој беше сведок на настанот.
Откако го прободел шефот, мажот со нож повредил уште тројца работници кои се обиделе да му помогнат на ранетиот уредник.
Другите членови на редакцијата успеале да го совладаат 73-годишниот маж до доаѓањето на полицијата.
Се покажа дека напаѓачот имал психолошки нарушувања, а семејството неодамна го пријавило неговото исчезнување.
Новинарите на овој руски комунистички весник рекоа дека човекот неколкупати ја посетил редакцијата и побарал од нив да го објават текстот за Сталин, но тие упорно ги одбивале неговите барања.
Весникот „Родина” постои од 1994 година, а го основаа членовите на Комитетот на Комунистичката партија во Ставропол. Политиката на овој медиум е базирана на руската комунистичка традиција на 20 век.