САД денеска ја напуштија Конференцијата за разоружување во знак на протест затоа што Венецуела го презема ротирачкото претседавање на форумот спонзориран од ОН, исто како што сторија пред една година, кога Сирија го прифати водството со ова тело.
– Се обидовме да направиме се што е во наша моќ за да се спречи држава од таков тип да претседава со меѓународните тела, изјави Роберт Вуд, амбасадорот на САД за разоружување, откако го напушти состанокот во Женева.
– Претставник на Хуан Гуаидо, привремниот претседател, треба да биде во ова тело, треба да седи овде на столчето, режимот на Николас Мадуро во суштина е мртов, и едноставно не сака да биде закопан, рече Вуд.
Политичката криза во Венецуела ескалираше во јануари годинава, кога по истекот на претходниот мандат на Николас Мадуро, претседателот на Националното собрание и лидер на опозицијата, Хуан Гуаидо се прогласи за привремен шеф на државата. Гуаидо се повика на одредбите на Уставот кои предвидуваат дека првиот човек на Националното собрание ја презема функцијата претседател на Венецуела, доколку по истекот на мандатот на шефот на државата не биде избран негов наследник.
Мадуро лани победи на претседателските избори, кои беа со сомнителен легитимитет и бојкотирани од опозицијата, која одбива да ги признае изборните резултати.
По ова повеќе западни земји, меѓу кои САД и најголем дел од членките на ЕУ, го признаа Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела. Од друга страна, Русија, Кина, Турција, Иран и неколку други земји, го признаваат Мадуро како легитимен шеф на државата.
Мадуро тврди дека Гуаидо е марионета на Вашингтон и обвинуваа дека американските санкции се причина за хиперинфлацијата и хуманитарната криза во Венецуела.