Словенија ќе се заложи Северна Македонија на самитот на ЕУ во јуни да добие датум за почеток на преговорите за членство, изјави словенечкиот премиер Марјан Шарец по денешната средба со премиерот Зоран Заев кој е во официјална посета на Љубљана.
Шарец на заедничката прес-конференција рече дека ЕУ датумот за почеток на преговорите со Северна Македонија треба да го одреди на следниот самит на Унијата во јуни и со тоа да го признае напредокот што досега го направи земјатата.
– Северна Македонија е пријателска и партнерска земја која во последно време направи големи напори, рече Шарец.
Истакнувајќи го надминувањето на споровите со соседите, особено со Грција, словенечкиот премиер изрази силна поддршка за интеграција на Западен Балкан во европското семејство и рече дека Словенија е силен застапник за што побрз почеток на преговорите со Северна Македонија.
Премиерот Заев изразувајќи благодарност на Шарец и Словенија за поддршката, изјави дека по 14-години како земја кандидат време е нашата земја да почне преговори за членство со ЕУ, како и дека е свесен дека овој процес ќе трае со години.
Заев претходно одржа и предавањето на Институтот за балкански и блискоисточни студии ИФИМЕС во Љубљана. Кажа дека сите македонски политички партии и над 75 проценти од граѓаните на Северна Македонија го поддржуваат членството во ЕУ, и оти по изборите за Европскиот парламент се во очекување како и дали Европската комисија ќе го стави Западен Балкан на агендата за проширување на ЕУ.
Заев, исто така, изрази надеж дека Северна Македонија уште оваа година ќе стане 30. земја членка на НАТО алијансата, пренесува Хина.