Сушите во Австралија ги принудија властите да воведат рестрикции за употреба на вода

Најнаселената сојузна австралиска држава Нов Јужен Велс во вторникот наметна ограничувања на водата за прв пат по една деценија, откако нивоата на браните паднаа до речиси 50% поради долгата суша во земјата.

Во последните две години источниот брег на земјата се соочува со подпросечни врнежи од дожд, што доведе до намалено земјоделско производство и жестока политичка дебата за влијанието на климатските промени.

Со новите рестрикции, жителите на Нов Јужен Велс ќе можат да ги наводнуваат своите тревници и дворови од 10 до 16 часот. Измивањето на тврди површини како што се бетонските патеки ќе биде забрането од 1 јуни.

Нов Јужен Велс, дом на околу една третина од вкупното население во Австралија и најголемиот град Сиднеј, последен пат воведе вакви ограничувања на водата во 2009 година.

Министерката за вода на Нов Јужен Велс, Мелинда Павеј, изјави дека најновите прогнози за суво и жешко време ја принудија владата да донесе ваква одлука.

„Последната прогноза на Управата за метеорологија предвидува пониски нивоа на врнежи и повисоки температури во периодот од јуни до август, што се клучни двигатели за зголемена побарувачка на вода“, се вели во изјавата на Павеј.

Нивото на браната во државата сега е нешто повеќе од 50%, остар пад од претходните 96% во април 2017 година, рече таа.

Треба да знаете
Последни објави