Заев во Словенија: По 14 години земја кандидат, заслужуваме да добиеме почеток на преговорите со ЕУ

По 14 години земја кандидат, заслужуваме да добиеме почеток на преговорите со ЕУ, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, кој заедно со сопругата и владина и бизнис-делегација престојува во официјална дводневна посета на Република Словенија.

Тој на прес-конференцијата, на која учествуваше заедно со словенечкиот колега и домаќин, Марјан Шарец, изрази благодарност до Словенија, која го ратификува протоколот за НАТО, и побара поддршка за почнување на преговорите со ЕУ.

„По договорот од Преспа, по договорот со Бугарија, интеграцијата на целото наше општество преку концептот едно општество за сите, ние сме мултиетничка земја навистина, и по 100-процентното исполнување на реформите, заслужуваме, по 14 години земја кандидат, да добиеме продолжување на процесот, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија. Ние сме свесни дека треба години да поминат за да бидеме полноправна членка, но овој процес на мотивација за нас ќе биде многу значаен затоа што тоа е наша водилка и тоа нè охрабрува да продолжиме да бидеме уште повеќе европска земја, поголема демократија, да имаме поголеми слободи и да го усовршуваме нашето општество. Секако, денеска сме овде да зборуваме и за економијата, сакам да знаат граѓаните на Словенија дека словенските продукти во нашата земја важат за проверени. Словенечките компании во нашата земја важат за потврдено и проверено. И ние сме среќни за целата таа соработка што ја имаме со Словенија“, рече Заев.

Тој истакна дека словенечките компании се инвеститори со 375 милиони евра во нашата земја и продолжуваат со своите инвестиции.

„Вчера, имавме среќа да објавиме заедно со претставник на компанијата „Таб мак“ нова инвестиција од 25 милиони евра, која ќе отвори нови 100 работни места во Северна Македонија. Значи, еве, 400 милиони евра поминуваме со словенечките инвестиции во Северна Македонија.

Ние имаме овде и значајна инвестиција од Северна Македонија во Словенија. Тоа е компанијата ИГМ, која направи инвестиција поголема од 45 милиони евра, отвори доста работни места, каде што во соработка со Владата и со локалната самоуправа навистина претставува нов извозен капацитет на Словенија кој отвори работни места и го зголемува домашниот бруто-производ (БДП) на Словенија. Јас верувам дека можеме да ја унапредиме и трговијата, која е 300 милиони евра, помеѓу нашите две земји.

Премиерот на Словенија постави еден убав таргет од 500 милиони евра. Ние како политичари ќе бидеме овде тоа да го овозможиме, а нашите компании токму тоа и да го постигнат затоа што навистина сме земји пријатели. Нашето пријателство е познато уште од времето на поранешна Југославија, продолживме со тоа големо пријателство од самостојноста на нашите две земји и Словенија важи за еден од најголемите пријатели на граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна Заев.

Премиерот претходно оствари и средба со словенечкиот претседател, Борут Пахор.

Треба да знаете
Последни објави