Министерот во Владата на Република Северна Македонија задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваше на конференција во Сараево на тема „Финансирањето на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан“.
Зборувајќи за моделот на финансирање на Националната радио телевизија, министерот Поповски нагласи дека јавниот сервис мора да биде независен од сите центри на моќ и да им служи само на интересите на граѓаните.
„Република Северна Македонија, како земја со големи шанси ова лето да ги отпочне преговорите со ЕУ, има обврска да изгради медиумски систем со кој се гарантира слободата на изразувањето, независноста на медиумите и медиумскиот плурализам”.
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност посочи дека медиумските реформи уште од самиот старт беа и останаа на врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија.
„Со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудио визулени медиумски услуги се очекува да се обезбеди професионален, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизулените медиумски услуги”- истакна Поповски.
На конференцијата беа презентирани моделите на финансирање на јавните медиумски сервиси во земјите од Западен Балкан и покрај претставниците од Република Северна Македонија, присуствуваа и претставници на националните јавни радиодифузни сервиси, претставници на националните медиумски регулатори, владини претставници и претставници на релевантни невладини организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија и Косово.