ОН: Севернокорејците плаќаат мито за да преживеат

Граѓаните на Северна Кореја се принудени да плаќаат мито на службениците за да преживеат во својата изолирана земја, каде корупцијата е ендемична и репресивна, се истакнува во денеска објавениот извештај на Канцеларијата за човекови права на ОН. Пјонгјанг го оцени извештајот како политички мотивиран.

Според овој документ, дел од службениците во Северна Кореја инудуваат пари од локалното население кое едвај преживува, заканувајќи им се со притвор и казнен прогон, посебно на оние кои се занимаваат со сива економија.

– Загрижена сум дека постојаната фокусираност на нуклеарното прашање и натаму го одвлекува вниманието од ужасната состојба со човековите права за милиони жители на Северна Кореја, изјави Мишел Бачелет, висока комесарка за човекови права при ОН.

– Правата на храна, здравје, засолниште, работа, слобода на движење се универзални и неотуѓиви, но во Северна Кореја тие пред се зависат од способноста на поединецот за подмитување државни службеници, истакна Бачелет.

Четворица од 10 Севернокорејци, или 10,1 милион луѓе хронично немаат храна, а се очекува и натамошно кастрење на и така минималните оброци поради најлошата жетва во последната деценија, проценува ОН.

Пјонгјанг го демантира извештајот. „Таквите извештаи не се ништо друго освен измислица…со оглед на тоа дека се засноваат на т.н. сведочења на измамници кои даваат измислени информации за да заработат за живот или се принудени тоа д аго направат под принуда или поттикнување”, се наведува во изјавата на севернокорејската мисија во Женева по повод објавениот извештај.

Треба да знаете
Последни објави