Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека договор со Иран за нуклеарната програма е можен, додека, пак, Техеран порача дека не сакаат нуклеарно оружје.
„Навистина верувам дека Иран сака да дојдеме до договор, мислам дека тоа е паметно од нив и мислам дека постои можност тоа се случи“, изјави Трамп на конференција за новинари со јапонскиот премиер Шинзо Абе во Токио.
„Иран има шанса да биде прекрасна земја со истото раководство. Не сакаме да го смениме режимот и сакам тоа да биде јасно. Само сакаме да нема нуклеарно оружје“, нагласи Трамп.
Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, изјави дека Иран не сака нуклеарно оружје кое врховниот лидер на таа земја го забрани, наведувајќи на „Твитер“ дека американската политика му наштетила на иранскиот народ и предизвикала регионални тензии.
„Ајатолахот Али Хамнеи одамна кажа дека не сакаме нуклеарно оружје, со издавање забрана со фетва“, рекол Зариф. Тој порачал дека економскиот тероризам на САД го повредил иранскиот народ и предизвикал тензии во регионот.