Со законски измени ќе се отстранат пречките за можноста за промена на бизнис план или програмата за начинот на користење на земјоделско земјиште и за докапитализација на земјоделското земјиште на повеќе од три хектари.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште е усвоен денеска на седница на Владата и ќе биде доставен на усвојување во Собранието.
Со предложените законски одредби ќе се овозможи земјоделските стопанства да можат да аплицираат на огласи за закуп на земјоделско земјиште до 10 хектари, со дополнително олеснување обврската за плаќање на закупнина од страна на закупецот да стапи во сила три години по влегувањето во сила на договорот за закуп.
– Со предложените законски решенија се овозможува поголема правна сигурност на учесниците во постапките за давање во закуп на земјоделско земјиште, изградба на објекти на земјоделско земјиште за промоција и продажба на земјоделски производи преку рурален туризам и објекти за спортско-рекреативни активности и други поволности за земјоделците кои досега беа пречка за можноста за промена на бизнис планот или програмата за начинот на користење на земјоделското земјиште, или оневозможуваа докапитализација на земјоделското земјиште на повеќе од три хектари, соопшти владината служба за информирање.