Фискална стратегија 2020-2022: Министерството за финансии предвидува континуирано забрзување на економскиот раст

Континуираното забрзување на растот во текот на 2018 година и позитивните поместувања во првото тримесечје од 2019 година се основа за нагорна ревизија на проекцијата за економски раст во 2019 година на 3,5%. Растот на БДП се очекува да се зголеми на 4,2% во 2020 година, и во наредните две години да продолжи со посилен интензитет, односно да достигне 5%. Ова се проекциите на Министерството за финансии во Фискалната стратегија која беше усвоена од Владата на Р. Северна Македонија. Фискалната стратегија се усвојува за период од три години и ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Фискалната стратегија e одраз на среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата на Северна Македонија.

Според Фискалната стратегија, приватната потрошувачка ќе има значаен придонес врз економскиот раст во овој среднорочен период, со просечен годишен раст од 2,8% на реална основа. Растот на приватната потрошувачка се поврзува со растот на вработеноста во приватниот сектор, поддржан и преку активните мерки за вработување, зголемувањето на платите во економијата, како и мерките за зајакнување на социјалната заштита, кои ќе резултираат со раст на расположливиот доход на домаќинствата, а дополнителен импулс ќе има и растот на кредитирањето. Проекцијата за раст на бруто-инвестициите во периодот 2020-2022 година изнесува 6,1% во просек на реална основа. Зголемената доверба на економските субјекти, поповолната деловна клима, подобрените евроатлантски перспективи, приливот на странски директни инвестиции и владините мерки за поттикнување на инвестициите ќе влијаат значително врз растот на инвестициите, а позитивен придонес се очекува и од планираните инвестиции на јавниот сектор. Во овој период, нето-извозот се очекува да има позитивен и зголемен придонес врз растот на економската активност. Извозот на стоки и услуги е предвидено да забележи реален раст од 9,1% во просек. Позитивните движења кај потрошувачката, инвестициите и извозот ќе резултираат со просечен реален раст на увозот на стоки и услуги од 6,8%.

Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, среднорочната фискална стратегија воведува  лимити на буџетските расходи, и тоа вкупни лимити, и лимити по буџетски корисници. Во таа насока, годишната стапка на раст на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија постепено ќе забавува од 14,2% во 2019 година на 5,2% во 2022 година. Во комбинација со очекуваната наплата на приходите, ова ќе обезбеди постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,5% од БДП во 2019 година на 2,3% во 2020 година и по 2% од БДП во 2021 и 2022 година. Притоа, лимитите за буџетскиот дефицит како клучен индикатор за поставеноста на фискалната политика се задржани на речиси исто ниво во апсолутен износ, како и на исто ниво како процент од БДП како и претходната Фискална стратегија. Задржувањето на патеката на постепена консолидација го потврдува курсот на фискална дисциплина, а непроменетите проекции за буџетскиот дефицит дополнително ја зајакнуваат предвидливоста на фискалната политика. Примарниот буџетски дефицит исто така ќе се намали од 1,2% од БДП во 2019 и 2020 година на 0,8% во 2021 и понатаму на 0,5% во 2022 година.

Движењето на јавниот долг во наредниот период ќе биде одраз на среднорочната буџетска рамка, имплементацијата на капитални проекти, како и отплатите на долгот кој достасува (околу 2,3 милијарди во главница за периодот 2019-2022 година). Досегашните остварувања, како и ревидираните проекции за економскиот раст и задржаниот курс на фискална дисциплина резултираат со значителна надолна ревизија на проекциите на долгот. Имено, Ревидираната фискална стратегија претпоставуваше јавен долг од 49,8% од БДП во 2018 година, наспроти остварениот значително понизок јавен долг од 48,5% од БДП. Дисциплинираната фискална политика, со постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит и на приближно балансирање на примарниот буџетски дефицит на среден рок (2% и 0,5% од БДП соодветно во 2022 година), претставува главен фактор за надолната траекторија на државниот долг, односно неговото намалување од проектираните 42,2% од БДП во 2019 година на 39% од БДП во 2022 година. Понатаму, заради имплементација на проектите главно во патната инфраструктура со заеми гарантирани од државата, ќе дојде до умерено зголемување на гарантираниот долг до 11,1% од БДП во 2021 година и потоа негово намалување на 10,1% од БДП во 2022 година. Надолната патека на државниот долг, и умерениот раст на гарантираниот долг заради инфраструктурните проекти и потоа неговиот пад, ќе резултираат со умерено зголемување на вкупниот јавен долг на 51,7% од БДП во 2019 година и 52,3% од БДП во 2020 година, и потоа намалување на 50,8% од БДП во 2021 година и дополнително на 49,1% од БДП во 2022 година. Ова е значително под утврдениот лимит за нивото на јавниот долг од 60% од БДП, односно јавниот долг во наредниот период нема да ја загрози оддржливоста на фискалната политика. Исто така, новите проекции за нивото на јавниот долг се значително пониски од претходно (за 2 процентни поени, во просек), што укажува на ефективноста на преземените мерки и планираните политики за стабилизирање и потоа намалување на јавниот долг на среден рок.

 

Треба да знаете
Последни објави