Форум: Суштинските закони да се носат со консензус на власта, опозицијата и граѓанскиот сектор

Земјава во периодот кој следува ќе се соочува со големи предизвици, влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, а во целиот тој процес во кој се спроведуваат реформи за промена на системот неопходно е поактивно учество на граѓанскиот сектор. Новите суштински законски решенија во иднина треба да се носат со консензус на власта, опозицијата и невладиниот сектор.

Ова го порачаа денеска пратениците во Собранието на Република Северна Македонија во рамки на Националниот форум „Соработката меѓу Собранието и граѓанските организации”, кој се одржа во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во рамки на програмата Цивика мобилита.

Законски измени најавија пратениците со цел да се зајакне соработката со граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики и носење закони, меѓу другото и да се отвори можноста да присустуваат на седници на собраниските тела и да даваат свое мислење за одредени сфери, а претставниците на невладините оценија дека соработката е подобрена изминатите две години, но сепак бараа поголема вклученост и поголем слух кај пратениците во однос на нивните предлози за одредени законски измени.

Јован Митревски, коодинатор на пратеничката група на СДСМ напомена дека во последниот извештај на Европската комисија е забележан напредок во оваа сфера и изрази уверување дека во извештајот што ќе биде објавен утре таа отвореност за соработка со граѓанскиот сектор ќе биде дополнително ќе биде позитивно оценета.

-Создадовме нова позитивна европска слика. Денес може да кажеме дека имаме силен граѓански сектор во сите процеси. Заврши времето на заплашување за сите оние кои не мислат исто. Нема веќе квалификации како платеници и предавници. Исправена е неправдата што ви беше нанесена и преку ново законско решение, затворени се сите истраги кои беа покренати против вас само како одмазда против вашите ангажмани, рече Митревски.

Напоменувајќи дека земјава во наредниот период ќе се соочи со големи предизвици – до крајот на годината ќе станеме членка на НАТО, а изразувајќи и уверување и дека ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, нагласи дека претстои сериозен и тежок процес во кој граѓанските организации во сите области можат да дадат заеднички придонес со носителите на власта.

Напомена дека не смее да се повтори минатото и да се дозволи невладините организации да бидат инструментализирани за политички цели.

На иста линија и координторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Тој напомена дека во земјава има околу шест илјади здруженија и невладини организации, но како што рече многу мал дел се активни и функционални.

–За жал тоа укажува на фактот дека во нашата држава многу често граѓанскиот сектор се употребува во секодневната политика, рече Мицевски.

Нагласи дека како држава која претендира да биде дел од ЕУ и НАТО пред нас претстои процес на големи реформи и тие реформи не можат да бидат спроведени без соработка со граѓанските организации.

-Вие треба да бидете мотор на промените и реформите кои ќе следуваат во наредните години. Новите законски решенија, кои ќе бидат носени треба да бидат носени со консензус од страна на власта, опозицијата и граѓанскиот сектор, рече Мицевски и додаде дека како пратеници на граѓанскиот сектор гледаат како партнер и коректор на процесот на градење нови законски решенија.

Независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, која произлезе од невладиниот сектор нагласи дека единствен начин за постигнување на квалитетни политики е да се гради оддолу нагоре.

-Граѓанските организации се дел од политиката е тоа не може да се избрише со ништо, практичко гласот на граѓаните произлегува оттаму, така што тие не можат да бидат исклучени. Само заедно со граѓанскиот сектор можеме да постигнеме ефективен надзор врз извршната власт и да креираме добри политики, рече Туфегџиќ.

Сретен Коцевски од Институтот за развој на заедницата, ги поздрави заложбите на пратениците за зајакнување на соработката, но им забележа дека често пати немаат слух за суштинските реформи, кои тие ги предлагаат.

Во земјава имаме една ситуација, која сите се согласуваат дека е потребно спроведување на Рамковниот договор, но никој не сака да го спроведе на локално ниво, рече тој, нагласувајќи дека во Парламентот имало расправа, предлози за измени на законот за локална самоуправа, но не се гледа напредок во таа сфера.

– Најинтересно е што пратениците кои се залагаат декларативно за правата на малцинствата не беа подготвни да се спроведат измените, рече Коцевски.

Ирена Цветковиќ од Маргини, пак, нагласи дека по долго време може да застане во некоја институција и да сподели позитивна приказна за нејзиното ангажирање во невладиниот сектор.

-Од почетокот на мојата кариера во НВО до неодамна оваа можност ни беше ускратена, рече Цветковиќ и додаде дека се соочувале само со препреки и неможност за влијание врз системот.

Го спомена формирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГТБ заедницата во јануари 2018 година како голем успех на тој пат, но додаде дека пред да се стигне до ова се соочувале со речиси еднодецениска фокусирана борба.

На форумот учествуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тахеда.

Треба да знаете
Последни објави