Парискиот обвинител Реми Хеиц, надлежен за истрагата за атентатот со пакет-бомба во Лион, издаде ретка реакција по повторените изјави на министерот за внатрешни работи и градоначалникот на Лион, потсетувајќи ги дека тој е „единствен” овластен да објавува елементи, кои подлежат на тајноста на истрагата, пренесува дописникот на МИА.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер за ЦeЊуз изјави: Немам сомнеж дека моментално го имаме во притвор главниот виновник за нападот врз Лион.
Јавниот обвинител на Париз, чиј антитерористички оддел е надлежен за случајот, потсетува дека истрагата е покриена со тајност и оти според член 11 од Законот за кривичната постапка, тој е единствениот која може да даде јавни објективни елементи од процедурата која не вклучува никаква проценка за основаноста на обвиненијата против вмешаните лица, се вели во неговата изјава.
Овој укор, кој е повеќе од директен кон министерот, потсетувајќи имплицитно на принципот на пресумпција на невиност, исто така, е насочен и кон коментарите на градоначалникот на Лион Жерар Коломб, поранешен министер за внатрешни работи, кој во понеделникот на БФМТВ соопшти дека е уапсено и второ лице во истрагата, и кој, исто така, обелодени неколку елементи од истрагата во вторникот наутро на Франс Инфо.
Комуникацијата на Министерството за внатрешни работи во неколку наврати предизвика тензии со обвинителството од Париз, особено за време на терористичкиот напад во Стразбур во декември или по смртоносната експлозија на гас во улица на Тревизо во јануари во Париз.