Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со сопругата Зорица Заева, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, беа пречекани со церемонија со највисоки државни почести од Претседателот на Владата на Словенија, Марјан Шарец, како дел од програмата на официјалната посета.
Премиерите на Словенија и Северна Македонија потоа одржаа тет-а-тет средба на која ги потврдија одличните традиционални пријателски односи меѓу двете земји како основа за уште поинтензивна економска соработка.
Премиерот Заев го запозна словенечкиот премиер со актуелната политичка ситуација во Република Северна Македонија, која со успешно спроведените избори за Претседател на државата и со темпото на реализација реформските процеси, со право го очекува одобрувањето на стартот отворањето на преговорите по поглавја од Европската Комисија.
Во тој правец премиерот Заев истакна дека за нашата земја ќе биде од особено значење Словенија да продолжи силно да ја поддржува нашата земја помеѓу европските партнери во оваа фаза од пристапувањето на Северна Македонија во членство во НАТО и ЕУ, со оглед на тоа што Словенија има значајно влијание и улога во ЕУ.
На средбата помеѓу двајцата премиери беа споделени позитивни очекувања од заедничкиот Бизнис Форум во организација на стопанските комори на Северна Македонија и Словенија.
Според програмата од официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, премиерот Заев ќе оствари средби и со Претседателот на Словенија, Борут Пахор и со Претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан.