Ѕвездата на годинашното „Охридско лето”, британската виолинистка Ванеса Меј, преку видео-порака ги повика вљубениците во уметноста на 12 јули да дојдат на Античкиот театар во Охрид, за заедно да го прослават отворањето на 59-то фестивалско издание.
Светски познатата уметничка Меј со голем концерт најавуван како уметнички спектакл на Антички ќе настапи заедно со уметниците од Оркестарот на Македонска филхармонија и вокалните солисти од МОБ, под диригентска управа на бугарскиот диригент Иван Кожухаров.
Вообичаено свеченото отворање на Фестивалот „Охридско лето” е резервирано за настапи на најпознати имиња од светската музичка и драмска уметност. Првиот фестивалски ден на „Охридско лето” носи неповторливи уметнички доживувања, што остануваат впишани во шестдецениската историја на фестивалот.
Директорката на „Охридско лето” Наташа Поповиќ за отворањето на годинешното фестивалско издание изрази уверување дека ќе биде незаборавна вечер со уметничката Меј за која истакна дека неслучајно го носи епитетот светско чудо.
– Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет ќе направат спектакуларен концерт, рече Поповиќ при презентирањето на годинешната фестивалска програма. аб