Вицепремиерот кој со месеци не се појавува на работното место, кој не успеа да го реши проблемот со административците вработени по Рамковниот, кои со години земаат плата, а исто така не одат на работа, функционер со најмногу вработени во државните служби, сега уште ќе биде и дел од Советот кој оперативно ќе ги води разузувачките активности, велат од Граѓанско-демократската унија (ГДУ) преку соопштение.
„Кога сите очекуваа дека Хазби Лика ќе лета, тој си доби нова функција. И, внимавајте, истиот тој, ќе биде дел од телото што ќе ги спроведува предлозите на највисокото безбедносно тело – Советот за национална безбедност.
И иронијата да биде поголема, пратениците што изгласаа да се укине Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и да се формира ново министерство, истите тие народни избраници сега му обезбедија место на Лика во Советот за координација на разузнувачката заедница.
Да потсетиме дека Лика е професор по албански јазик и книжевност. Весникот „Време“ во декември 2004 година објави дека во МВР постоела службена белешка оти Лика, познат како Командант Чела, за време на конфликтот во 2001 година бил еден од дваесеттемина учесници во озлогласениот масакар кај Вејце, во кој беа убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осуммина специјалци и припадници на полицијата.
За истиот тој Лика, додека бил градоначалник на Тетово, Државниот завод за ревизија во извештајот за состојбата со буџетската потрошувачка за 2009 година утврди дека биле потрошени 5,3 милиони денари од буџетот, кои не биле во согласност со законската регулатива.
Градоначалникот на Тетово, Хазби Лика, и претседателот на Комисијата за јавни набавки во Општината и директор на тетовското јавно комунално претпријатие, Хајрула Хасани, со незаконски изведена постапка за изградба на дел од системот за водоснабдување во 2006 година го оштетиле државниот буџет за 157 милиони денари.
Премиерот не требаше да чека да се доведе до оваа ситуација. ГДУ во изминатиот период предупредуваше за Лика и неговата неспособност и однесување. Не очекувавме негова оставка, но очекувавме дека метлата за него ќе заигра порано.
И додека премиерот и неговите јуришници се кријат зад соцреалистички пароли, неподнослива миризба се шири од „Блесокот“, но не сите се слепи и глуви“, велат од ГДУ.