Припадник на косовската полиција е ранет во акцијата на специјалните полициски единици Росу во општините со мнозинско српско население во северно Косово, јавија косовските медиуми повикувајќи се на полициски извори.
Официјална потврда на оваа информација за сега се уште нема.
Косовската полиција соопшти дека утрово, во соработка со полцискиот инспекторат, спроведува операција во Северна Митровица, која резултира со приведување на неколку полициски службеници и граѓани.
Според соопштението, на денешната операција ѝ претходела неколкумесечна истрага од страна на Инспекторат на полицијата и Специјалното обвинителство, од која произлегло „основано сомневање за ‘учество или организирање на криминална група‘ од страна на некои полициски службеници и граѓани, во врска со кривични дела како ‘шверц на стоки‘, ‘злоупотреба на службена положба‘,‘давање поткуп‘, ‘недозволена трговија‘ и други.
Полицијата, како што јави дописникот на МИА од Приштина, тврди дека наишла на вооружен отпор во северот на Митровица, меѓутоа операцијата продолжува, „вклучувајќи апсења и претреси во неколку локации, што резултира со конфискација на релевантни докази, вклучително долго оружје”.
– Полицијата на Косово, во соработка со органите на правдата и полицискиот Инспекторат, останува посветена на остварувањето на своите законски задачи и одговорности, со цел зачувување на јавниот ред и мир, спречување на незаконски дејствија, незазвисно од тоа кои лица се опфатени во таквите кривични дела, се вели во соопштението.
Според медиумите, досега се упасени најмалку пет лица од српска националност, меѓу кои и припадници на косовската полиција.