Турските вооружени сили почнаа голема антитерористичка операција во подрачјето на Хакурк, северен Ирак, јави агенцијата Анадолија.
Со гранатирање со топовски батерии, копнените сили и авионите на Командата на воздухопловните сили ја започнаа операцијата во која учествува и бригада командоси.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека воената офанзива се спроведува со цел неутрализирање на терористите во подрачјето, како и уништување на пештерите и засолништата кои ги користеле. Во соопштението исто така се нагласува дека операцијата се одвива според планираното.
Во својата повеќе од 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца, потсетува Анадолија.