Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави денеска во Брисел дека го поддржува изборот на социјалистот Франс Тимерманс за претседател на Европската комисија.
– Социјалдемократското семејство е втора по големина сила, со најдобриот кандидат Франс Тимерманс, изјави Санчез пред новинарите при доаѓањето на преговорите со лидерите од ЕУ за изборот на раководните луѓе на клучните позиции на Унијата.
Санчез оцени дека холандскиот политичар и досегашен заменик претседател на ЕК Тимерманс ги има потребните квалитети и искуство.
Претходно и португалскиот премиер Антонио Коста рече дека следен претседател на ЕК треба да биде Тимерманс, а на кандидатот на Европската народна партија Манфред Вебер.
Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека европската комесарка за конкуренција, Данката Маргарет Вестагер, главниот преговарач за Брегзит, Французинот Мишел Барние и актуелниот потпретседател на Европската комисија, Холанѓанецот Франс Тимерманс се личностите со искуство и кредибилитет, меѓу кои би требало да се избере идниот претседател на Еврокомисијата.
Според Лисабонскиот договор, новиот претседател на Комисијата е номиниран од Европскиот совет составен од лидерите на 28-те членки на ЕУ, по што треба да биде потврден во Европскиот парламент, каде има 751 пратеник. Сепак, медиумите коментираат дека зад наизглед едноставната процедура се крие комплексна борба за моќ мешу ривалските држави, идеолошки сојузи и меѓу самите лидери и Парламентот. Тие задкулисни игри, Тимерманс ги спореди со ТВ серијата „Игра на престоли”.