Партијата Река нема да учествува на парламентарните избори во Грција

Поради лошиот резултат од европските избори, партијата Река (Потами) нема да учествува на предвремените парламентарни избори во Грција, додека партискиот лидер Ставрос Теодоракис, преземајќи одговорност за постигнатото, поднесе оставка на функцијата за време на состанокот на Политичкиот совет на партијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Река на евроизборите во неделата освои само 85.086 гласови, односно 1,51 проценти.

– Политичкиот совет оценува дека учеството на движењето на националните избори на 7 јули би значело дека демонстративно ја игнорира неодамнешната одлука на граѓаните. Но, ги повикува граѓаните, 85-те илјади, кои на 26 мај гласаа за Река, да ја надминат нивната оправдана огорченост и да излезат да гласаат на парламентарните избори, соопшти партијата.

На местото на Теодоракис времено доаѓа досегашниот партиски потпретседател, Јоргос Мавротас, а на есен Река ќе одржи конгрес за да избере нов лидер.

Партијата Река се соочи со сериозни проблеми во изминатиот период особено поради Договорот од Преспа и несогласувањата во партијата во однос на тоа дали требаше да го поддржат или не, како и за тоа дали требаше да гласаат за доверба на Владата на Ципрас или не, при изјаснувањето непосредно пред ратификацијата на спогодбата меѓу Скопје и Атина.

Треба да знаете
Последни објави