Девојка од Велика Британија се заљуби и покрај необичните околности во кои се запознаа.
Кејти Никол (38) се запознала со нејзиниот партнер Џон Хејнс додека бил бездомник. Кејти вели дека хемијата меѓу нив се случила и покрај тоа што Џон спиел на улица.
Таа секој ден седела со него на местото каде што обично бил, недалеку од штанд за сладолед. Тие наскоро почнале да разменуваат љубовни пораки, пишува „Метро“.
Хејнс ѝ пишувал песни, и таа го поканила на вечера. Во рок од три месеци, тие официјално беа во врска. Џон (31) веќе не е бездомник, а во меѓувреме најде и работа. Двојката е заедно осум месеци.
Џон станал бездомник откако поминал повеќе од две и пол години во затвор. Тој бил осуден за напад врз човек што го фатил во кревет со неговата поранешна девојка, рече Кејти.
Џон кога просел имал картонска кутија на која пишувало: „Нејзиниот адвокат беше подобар од мојот.” Но, тоа не ја спречило Кејти да го повика да се истушира, да се потстриже и да вечера два месеца откако го запознала.
Тие наскоро се заљубиле, а Кејти му помогнала да се ослободи од зависноста од дрога.
Џон вели дека секогаш ќе ѝ биде благодарен на Кејти за сè што направила за него. „Сонував за тоа кога спиев на плажа, дека нема да бидам тука засекогаш”, рече тој.



