Извештај на ЕК за Србија: Владеењето на правото и Косово клучни за европскиот пат

Реформите во владеењето на правото и решавањето на односите со Косово се од витално значење за Србија и ќе продолжат да го одредуваат понатамошниот ритам на преговорите за членство на земјата во ЕУ, се наведува во извештајот на Европската комисија за напредокот на Белград на патот кон Унијата во 2018 година.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Извештајот се потенцира дека „е неопходно Србија значително да го забрза темпото на реформи во областа на владеењето на правото”.

– Тоа е особено важно кога станува збор за независноста на судството, борбата против корупцијата, слобода на медиумите и решавањето на случаите на воени злосторства и организиран криминал во самата земја, ако Србија сака да го одржи целокупниот баланс во преговорите за членство со ЕУ, стои во документот.

Според ЕК, Србија „во дијалогот со Приштина, со посредство на ЕУ, остана целосно ангажирана и покрај воведувањето на таксите од страна на Косово”.

Сепак, Брисел смета дека „Србија мора да направи понатамошни значителни напори и придонеси, особено кога станува збор за нејзините меѓународни односи, создавајќи поволни услови за склучување на сеопфатен правно обврзувачки договор со Косово”.

– Овој договор е итен и од суштинско значење, со цел Србија и Косово да можат да одат напред на своите европски патеки, наведува Европската комисија.

Во извештајот се забележува дека „политичката сцена во Србија се повеќе е обележена со поделби и со намалување на простор за различни политички мислења”.

Еврокомисијата, исто така, наведува дека „неколку опозициски партии го бојкотираат Парламентот од март 2019 година„ и дека „активностите на владејачката коалиција доведоа до влошување на дебатата за законите и заклучоците, што го поткопа увидот на Парламентот во работата на извршната власт”.

Брисел истакнува и дека антивладините протести траат од декември минатата година, поради напад врз лидер на опозицијата.

Во извештајот се наведува дека „економските реформи дадоа некои резултати, особено во контекст на макроекономската стабилизација”, дека цените се под контрола и дека состојбата на пазарот на трудот е подобрена.

– Сепак, клучните структурни реформи во јавната администрација, даночните власти и претпријатијата во државна сопственост бавно напредуваат, а приватниот сектор страда од недостаток на владеењето на правото и слаба имплементација на правилата за фер конкуренција, се оценува во извештајот на Еврокомисијата.

Треба да знаете
Последни објави