Собир на група анархисти за поддршка на Куфодинас пред таверна во која вечераше Бакојанис

Со слогани за поддршка на лидерот на терористичката организација „17 Ноември”, Димитрис Куфодинас, мала група анархисти синоќа се собра пред таверна во која вечераше кандидатот за градоначалник на Атина на Нова демократија, Костас Бакојанис, без при тоа да предизвикаат какви било инциденти.

Според грчките медиуми, како што јави дописничката на МИА од Атина, Бакојанис бил заедно со неговите соработници и одбил да си замине, а групата по извесно време се повлекла,

Анархистите со слоганите побараа да се одобри нова дозвола за излез од затвор за Куфодинас, кој е осуден на 11 доживотни казни за повеќе дела, меѓу кои и за убиството Павлос Бакојанис, таткото на Костас Бакојанис.

Во знак на поддршка и солидарност со Куфодинас, според преземената одговорност, бил и инцидентот за време на партиски настан на Нова демократија пред две седмици, кога група од околу 20 маскирани лица нанесе материјална штета на најмалку три автомобили и на прозорците на објектот каде што се одржуваше настанот.

Анархисти и анархистки е групата што го потпишува текстот за преземање одговорност, објавен на познат анархистички сајт, со кој бараат веднаш да му се одобри дозвола за Куфодинас.

– Ако веднаш не биде дадена дозвола, последиците ќе бидат огромни, пишува групата Анархисти и анархистки.

Во инцидентот на 15 мај пред зградата на осигурителна компанија во чии простории се одржа настанот на Нова демократија, а на кој, меѓу другите, присуствуваа и поранешниот премиер Андонис Самарас и пратениците Василис Кикиљас, Нотис Митаракис и Адонис Георгиадис, беа искршени автомобили на пратеници. 

Треба да знаете
Последни објави