Холандски суд го забрани мотоциклистичкиот клуб „Ангели на пеколот”

Холандски суд денеска ја забрани мотоциклистичката група „Ангели на пеколот” во Холандија, наведувајќи дека групата има досие за насилен криминал, вклучително и убиство на ривали,  трговија со дрога и прекршоци поврзани со оружје.

Обвинителите ја побараа таа мерка како одговор на стотици инциденти во Холандија.

– Нивното насилство е толку сериозно и предизвикува толку многу социјални немири што може да се смета за поткопување на јавниот ред, пресуди окружниот суд во Утрехт, посочувајќи ги како главни виновници мотоциклистичкиот клуб „Ангели на пеколот во Холандија” и меѓународната организација со исто име на која и припаѓа клубот.

Портпаролот на јавниот обвинител изјави дека верува оти тоа е првпат земјата да ги забрани „Ангелите на пеколот”. Американската Влада ја смета оваа група за меѓународен злосторнички синдикат.

„Ангелите” се основани како мотоциклистички клуб во Калифорнија во 1948 година и се познати по мотоциклите „Харлеј Девидсон”, носење џинс и кожени јакни, како и по својот имиџ на „одметници”.

Се претпоставува дека групата има илјадници членови во десетици земји.

Нивната опасна репутација се зголеми кога Ролинг Стонс на бесплатен концерт во Алтамонт во 1969 година ги ангажираа како заштита.

Треба да знаете
Последни објави