АЛДЕ и партијата на Макрон бараат име за нивната група во Европарламентот

Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, Републиката во движење (РЕМ) бараат име за нивната заедничка пратеничка група во Европскиот парламент, наведува „Политико”.

РЕМ не е членка на АЛДЕ, која ги обединува либералните и центристичките партии од членките на ЕУ, но двете страни се договорија во новиот состав на Европарламентот да формираат заедничка пратеничка група.

„Политико” наведува дека Макрон инсистира новото име на групата да не го содржи зборот „либерали”, бидејќи смета дека има „лош призвук” и потсетува на „бездушниот ултра капитализам”.

Меѓу можните имиња на групата кои биле предложени се „Обнова на Европа”, „Европејци” и „Европа напред”, бидејќи се инсистирало називот да го содржи зборот „Европа”.

За оваа тема станало збор и на вчерашната средба на носителката на листата на РЕМ на евроизборите, Натали Лоазо и ветеранот на францускиот политички центар Доминик Рике со лидерот на АЛДЕ, Ги Верхофштат.

„Политико” повикувајќи се на изјава на неименуван учесник во преговорите, наведува дека изборот на името не се покажал како лесна задача и дека очекува новиот назив на групата да биде усогласен „за неколку недели”.

Заедничката група на АЛДЕ и РЕМ има вкупно 108 пратенички места во Европарламентот, односно 39 повеќе од досегашниот број на европратеници либерали.

Треба да знаете
Последни објави