Мекензи Безос ќе донира преку 15 милијарди долари

Мекензи Безос, поранешната сопруга на Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“, даде ветување дека таа ќе донира половина од нејзиното богатство во добротворни цели.

Таа ќе стане дел од организацијата The Giving Pledge каде најбогатите личности и филантропи донираат средства за хуманитарни цели, а дел од неа се и Ворен Бафет и Бил Гејтс.

Организацијата е создадена од Ворен Бафет и ги повикува најбогатите во светот да донираат најмалку половина од своите средства.

Се проценува дека Мекензи Безос поседува околу 37 милијарди долари. Таа и Џеф Безос се разведоа на почетокот од оваа година, а Мекензи доби 4% од акциите во компанијата.

„Во животот сум имала многу предности, а имам и непропорционална сума на пари кои сакам да ги споделам. Мојот пристап кон филантропијата ќе продолжи да се развива, со многу вложено време, труд и грижа,“ изјави Мекензи Безос.

The Giving Pledge досега брои 204 индивидуи, двојки и семејства од 23 земји.

Меѓу првите потписници на оваа организација се наоѓаат и поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг, основачот на Си-Ен-Ен Тед Тарнер, како и Бари Дилер.

Оваа година кон хуманитарното здружение се приклучија и милијардерот Пол Тудор Џонс и бизнисменот од Арапските Емирати, шеик Мохамед бин Мусалам бин Хам ал Амери.

Треба да знаете
Последни објави