На Криволак почнува најголемата воена вежба во историјата на државата

Од 5 јуни до 9 јули Северна Македонија ќе биде домаќин на досега најголемата вежба што се организира во нашата држава, „Одлучен удар“. На вежбата ќе учествуваат над 2.700 припадници од Армијата на Република Северна Македонија и од вооружените сили на САД, Црна Гора, Албанија, Бугарија и од Литванија, соопшти Министерството за одбрана.

Армијата на Северна Македонија учествува со речиси 1.300 припадници, исто толку се од САД, војската на Црна Гора испраќа 75 припадници, по 25 припадници од Албанија и Бугарија, како и 10 од Литванија.

Во изјавата по денешниот брифинг за вежбата на полигонот „Криволак“, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека организацијата на оваа досега најголема вежба на територијата на нашата држава ги покажува нашите капацитети, но е и доказ за довербата што НАТО-партнерите ја имаат во Северна Македонија.

„Фактот дека во нашата национална вежба, која самите ја организираме и водиме и на која ќе учествуваат шест земји од кои сите други се веќе членки на алијансата со над 2.700 припадници на овие шест армии, покажува дека можеме, покажува дека знаеме и дека сме создале доверба“, рече министерката Шекеринска.

Таа рече дека вежбата ќе подразбира голема интероперабилност и соработка на 6 до вчера партнерски, а одбранбеното аташе на САД во нашата држава, полковникот Тимоти Бјукен, посочи дека САД и Северна Македонија се стратешки партнери, дека одбранбената соработка е силна и ќе станува уште посилна. Полковникот Бјукен истакна дека САД силно ја поддржува Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО, дека процесот на ратификација на пристапниот протокол е почнат во американскиот Сенат и дека се очекува тој да заврши до оваа есен.

Тој објасни дека повеќето од војниците од САД, кои ќе учествуваат во вежбата „Одлучен удар“, се од два баталјона од 56. бригада на Страјкери, од Националната гарда на Пенсилванија.

Треба да знаете
Последни објави