Преговори за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров во Сингапур

Американскиот специјален претставник за Северна Кореја, Стивен Биган ќе отпатува во Сингапур, каде со јапонски и јужнокорејски дипломати ќе разговара за прашања поврзани со денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението се додава дека Биган од утре до недела ќе учествува на Шрангри-Ла дијалогот, годишен собир посветен на регионалната безбедност што се одржува во Сингапур.

Според најавата, за севернокорејското прашање Беган ќе разговара со неговиот јужнокорејски колега Ли До-хун и со главниот директор на Одделот за Азија и Пацификот при јапонското Министерство за надворешни работи, Кенџи Канасуги.

Преговорите за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров меѓу Вашингтон и Пјонгјанг во моментов се замрзнати, по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на крајот на февруари во Ханој, која заврши без резултат.

Портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус изјави дека САД и натаму остануваат посветени на дијалогот меѓу Трамп и Ким.

Треба да знаете
Последни објави