Трамп: Штета е што Нетанјаху не успеа да формира владејачка коалиција

Претседателот на САД Доналд Трамп изрази жалење што премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху не успеа да формира владејачка коалиција и притоа го пофали дека е „добар човек”, пренесува Слободна Европа.

– Штета е тоа што се случи во Израел. Изгледаше како целосна победа за Нетанјаху, кој е добар човек. И сега се вратија во фаза на избори. Тоа е многу лошо, бидејќи тоа не им е потребно. Мислам дека таму е премногу немирно, тоа е тешко место, рече Трамп.

Израелските медиуми наведуваат дека американскиот претседател отворено го поддржуваше Нетанјаху на изборите, правејќи серија чекори за да придонесе за неговата популарност.

Трамп го призна суверенитетот на Израел врз Голанските височини на церемонија во Белата куќа пред изборите на 9 април.

Премиерот на Израел им рекол на советниците на Трамп за Блискиот исток дека вчерашниот политички „настан” нема да влијае на израелско  – американските односи, алудирајќи на распуштањето на израелскиот парламент – Кнесетот и повикот за нови избори откако не успеа да формира владејачка коалиција.

– Иако имавме мал настан минатата ноќ – тоа нема да нѐ спречи. Ние ќе продолжиме да работиме заедно. Имавме одличен, продуктивен состанок кој потврдува дека нашиот сојуз никогаш не бил посилен, изјави Нетанјаху, а објави Американската амбасада во Ерусалим.

Треба да знаете
Последни објави