Лавров: Не се исцрпени можностите за дијалог со НАТО

Не се исцрпени сите можности дијалогот меѓу Русија и НАТО од криза да се врати во конструктивен тек, оцени денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Дијалогот меѓу Русија и НАТО падна во длабока криза поради неподготвеноста на Алијансата заедно со Москва да гради единствена и неподелена безбедност во евроатлантскиот регион, рече Лавров за бугарскиот портал „Меѓународни односи”.

Тој истакна дека НАТО наместо тоа избрал курс на одвраќање на Русија и префрлување на линијата на разделување на исток.

– Ширењето на Алијансата, изградбата на нејзини потенцијали во близина на руската граница и распоредување на американскиот противвоздушен ракетен систем предизвикаа длабока криза во кредибилитетот и ескалација на воено-политичките тензии во евроатлантскиот регион, наведе Лавров.

Тој сепак смета дека не се исцрпени сите можности дијалогот меѓу Русија и НАТО да се врати во конструктивен тек.

– За да дојде до тоа, партнерите би требало стриктно да ги извршуваат преземените обврски во врска со консолидацијата на својата безбедност на сметка на други, објасни Лавров.

– Од наша страна, ние секогаш сме отворени за заедничка работа во спротивставувањето на тероризмот, трговијата со дрога, кибер криминалот и вистинските, а не лажни, модерни закани, заклучи шефот на руската дипломатија.

Треба да знаете
Последни објави