Пуштен во употреба новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“ во Хиподром

Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска го пуштија во употреба новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, во населбата Хиподром.

Истакнувајќи дека објектот е едно од 4-те основни училишта коишто се изградени во последниот период, Заев посочи дека во тек е изградбата на уште два нови објекти за основни училишта. Паралелно, како што рече премиерот Заев, се реконструираат 8 стари основни училишта.

„Тоа значи дека некаде преку 4500-тини дечиња само од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти, во нови училишни клупи. Драго ми е што сите овие капитални инвестиции во образованието ги овозможуваме и ги подобруваме условите во основното образование“, подвлече Премиерот Заев.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми пред претставниците на медиумите истакна дека модернизацијата на образованието е цврста определба и врвен приоритет утврден во програма за работа на Владата на Република Северна Македонија.

„Имајќи предвид дека интервенција преку санација на постоечките бараки немавме можност да направиме, денеска го пуштаме објектот во употреба. Опфаќа површина од 2125 квадратни метри, со капацитет од 600 ученици, односно по 300 во една смена. Училиштето има приземје, има спрат, подрумски простории, 12 училници, 6 кабинети, простор за наставниците, за библиотека и ги задоволува сите услови и стандарди за реализација на воспитниот образовен процес како што треба, на квалитетен начин. Инвестирањето е околу 60 милиони денари. Конкретно 55 милиони денари објектот и 3,4 милиони денари чини мебелот“, потенцираше министерот Адеми.

Треба да знаете
Последни објави