Ангела Ѓ.( 22) од Ѓорче Петров „му пресудила“ на својот пријател Пинета Секондо (26) кој бил застрелан во главата од Ф.А. (27) на 11 декември 2018 година, истиот ден кога убиениот бил пријавен за исчезнат. Кои се мотивите за убиството засега се непознати, а забуна создава и информацијата од Обвинителството дека е издадена наредба за спроведување истражна постапка само против егзекуторот, но не и против Ангела на која МВР ѝ поднесе кривична пријава за убиство.
Дека Ангела е вмешана во убиството постојано обвинуваше мајката на Пино, Маја Трпковска, според која, нејзиниот син вечерта на 10 декември заминал во Ѓорче Петров да се види со пријателката. Која била целта на посетата засега не е познато, иако според најблиските на Пино, Ангела вечерта му се јавила и побарала да дојде кај неа. Тој рекол дека „не знае зошто го бара“, но заминал, иако не бил волен. Тоа било неговото последно заминување од домот.
„Девојката Ангела ме пријави во полиција бидејќи сум и досаѓала на телефон. Па нормално дека ќе ја барам, јас си го барам детето. Она нон стоп истото го вели, се виделе, стоеле пред зграда кај нејзе и Пино и рекол „уморен сум и ќе си одам дома“. Значи од местото ние каде што живееме, да стасаш до Ѓорче Петров има 30 километри и по 15 минути веднаш да си заминеш од таму. Според мене, таа го има измамено син ми за да дојде итно кај неа. Ние не ја познавме девојката. Таа го има излажано да оди во Ѓорче, рече Маја за 24 Инфо пред три месеци.
Според Маја, последен пат Пино е снимен на камерата што е на излезот од Скопје околу 22.40 часот, кај клучката за обиколницата во Сарај каде што завртел со автомобилот „шкода“ за да си оди дома. Автомобилот бил снимен од камерите, но не е познато дали Пино го возел или некој друг, или, пак во него имало повеќе лица. Од извештајот на ОЈО, не е познато што се случило со „шкодата“ на Пино.
Според Обвинителството, на 11 декември околу 2 часот, откако претходно се сретнал со Пино, убиецот со авомобил „Опел Аскона“ пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил пушка и го застрелал Пино во главата. По убиството, во обид да се скријат трагите, според ОЈО; телото било однесено во местото викано Башинец над село Љуботен, но не прецизираат дали убиецот тоа го направил сам. Таму трупот бил оставен во дупка и покриен со ќебе. Веднаш потоа Ф.А. избегал и е недостапен за органите на прогонот.
Шест месеци по убиството, останува нејасно зошто теренот околу Арачиново не бил пребаран детално, ако се знае, според Маја, приватниот телефон утрото кога звонел татко му во 6.42 бил лоциран на клучката Арачиново-Стајковци-Ченто. И таа информација ја добила од хакери, кои ги ангажирала во истрагата.
Екипа на 24 Инфо беше на местото каде што е пронајдено телото на Пино, односно делови од скелетот. Она што е значајно за истрагата е дека бил пронајден череп со оштетување, поконкретно дупка за која е утврдено дека настанала од куршум. Според извори во истрагата, трупот бил закопан во релативно плитка дупка длабока 30-ина сантиметри и покриен со камења. Со ДНК анализа било утврдено дека станува збор за Пино.
Убиецот добро го знаел теренот, кој е тешко пристапен, особено во зимските и пролетните месеци кога има снег или кал од дождовите. Самото место каде е пронајден трупот е на околу половина час возење од Љуботен, на околу триесетина метри под земјениот пат кој води кон изворот Башинец. Патот, кој по целата должина се издига над водата и под кој има густа шума, води кон неколку викендички кај самиот извор. Токму сопственик на една од викендичките на 29 април околу 14 часот го забележал скелетот и повикал полиција. Она што може да се забележи дека местото најчесто го посетуваат дрвокрадци, барем според исечените трупци кои се гледаат кога ќе се навлезе во шумата и тоа на повеќе места долж патот.
Ф.А. бил сигурен дека телото нема да биде лесно откриено поради непристапноста на теренот, па не се потрудил подлабоко да го закопа. Сепак, дождовите предизвикале свлечиште, па телото се открило. Останатото го направиле животните кои го растргнале телото. Делови од скелетот, конкретно дел од бутната коска и рбетниот столб се најдени на релативно рамна и расчистена површина во долот во кој има поголеми камења, но и изгорен дел, најверојатно од пожарите пред околу два месеци.
Иако убиецот е познат, надлежните мора да одговорат кои се мотивите за убиството и дали можело порано да се откријат сторителите, дали имало и други вмешани во убиството, но и каде е автомобилот на Пино.
Според извори во истрагата, полицијата претходно ја испрашувала Ангела која била подложена на полиграфско тестирање, но детекторот не ја фатил девојката во лага.