Работеле на диво: Таткото со багер го предизвикал одронот кој ги затрупа синовите и зетот

Вистинска семејна трагедија се случила денеска во Чаир кога во несреќата при одрон на земја загинаа двајца браќа од Патишка Река, а нивниот зет бил повреден, дознава 24 Инфо. Несреќата ја предизвикал багеристот, односно таткото на загинатите, кои со зетот работеле во неговата фирма. Додека таткото вршел ископ на земјиште за водоводна мрежа дошло до лизгање на земјиштето и земјата го затрупала каналот во кој биле тројцата. Од Општина Чаир велат дека започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување.

Според жителите од соседните згради, багеристот со синовите доаѓале да работат само преку викенди и се распрвале со нив оти работеле на диво.

-На 01.06.2019 околу 11 часот пријавено е дека на улицата Кемал Сејфула, спроти Поликлиника “Чаир“, при вршење ископ на земјиште со багер за водоводна мрежа, дошло до лизгање на земјиште и притоа во каналот од лизгањето затрупани се три лица кои работеле на ископот. Две од затрупаните лица (26 и 28 години) починале на лице место, додека третото лице (54 години) со возило на Итна медицинска помош е пренесено во ГОБ “Наум Охридски“ за укажување лекарска помош. На местото на настанот испратени се екипи од ИМП и екипа од БППЗ. Смртта на починатите ја констатирале лекари од ИМП. Известени ЈО и трудов инспектор, велат од МВР.

По два часа телата на починатите биле извлечени и пренесени со погребално возило.

Од Итната медицинска помош велат дека повредениот е во стабилна состојба. Повикот бил во 11.05 часот, а екипата стигнала за 5 минути додека пожарникарите го ископувале каналот.

-На лице место еден од повредените беше во свесна состојба, главата му беше над земјата, другите двајца беа целосно затрупани. Пожарната екипа интервенираше, повредениот беше цело време со кислородна поддршка, додека се ископуваше земјата, нашата екипа го пренесе во болница. Освен мали нагмечувања не се пожали на други повреди. За жал, останатите двајца беа без знаци на живот, рекоа од Итната медицинска помош.

Општина Чаир изрази сочувство до семејството на настраданите во денешната несреќа, во која загинаа двајца работници а еден е повреден. Информираат дека на местото на настанот веднаш излегле инспектори од Општина Чаир за да ја потврдат фактичката состојба и за да констатираат дали се испочитувани сите предвидени законски норми за овој вид на работи од страна на изведувачот.

– Според изготвениот записник од страна на инспекторите на терен, започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура немале дозвола за нивно спроведување и истите се започнати во текот на денешниот неработен ден – Сабота, се наведува во соопштението од Општина Чаир.

Треба да знаете
Последни објави