Шанахан: Нема да го игнорираме однесувањето на Кина

САД нема повеќе да го игнорираат однесувањето на Кина во Азија, бидејќи стабилноста на тој регион е загрозена во однос на прашањата за Јужно кинеското море и Тајван, рече американскиот секретар за одбрана, Патрик Шанахан.

-Ние нема да го игнорираме однесувањето на Кина, а мислам дека луѓето во минатото некако премолчено го заобиколуваа, рече Шанахан на најголемата конференција за безбедност оваа година, „Дијалогот Шангри – Ла” во Сингапур.

Според него, во интерес на Пекинг е да има конструктивен однос со Вашингтон.

-Однесувањето кое го поткопува суверенитетот на другите држави и предизвикува недоверба во намерите на Кина мора да заврши, рече Шанахан.

Во спротивно, додаде дека „ќе се најдеме пред кратковидна визија за иднината, а ние се залагаме за слободен и отворен поредок кој им користи на сите, вклучувајќи ја и Кина”.

Тој упати обвинувања на сметка на „актерите” кои го дестабилизираат регионот, без да ја именува директно Кина, но рече дека САД нема да игнорира такво однесување.

-Можеби најголемата долгорочна закана за виталните интереси на државите во овој регион доаѓа од актерите кои сакаат да го поткопаат, а не да го поддржат меѓународниот поредок заснован на правила, рече американскиот министер.

Шанахан ги повика азиските советници да го зголемат воениот буџет и нагласи дека САД се посветени на тој регион.

Тој притоа се осврна и на случајот со кинеската технолошка фирма „Хуавеј” за која рече дека е премногу блиска до кинеската Влада, додавајќи дека Вашингтон е загрижен поради кибер-нападите и кражбата на интелектуалната сопственост.

Треба да знаете
Последни објави