Тимот на Веспрем за кој настапува македонскиот репрезентативец Дејан Манасков ќе игра во финалето на ракометната Лига на шампиони, откако денеска во полуфиналето го совлада Киелце со 33:30 (13:13).
Манасков не се запиша во листата на стрелци на овој натпревар.
Најдобар поединец кај победникот беше Петар Ненадиќ со 12 гола, воедно и најефикасен на мечот. Душебаев во поразената екипа постигна седум гола, а Циндриќ пет.
Унгарскиот тим влезе фантастично во натпреварот, поведе со 4:0, Штербик беше одличен на почетокот и за 19 минути имаше осум одбрани, кога заработи повреда на скочниот зглоб поради кој мораше предвреме да го напушти натпреварот. Како одминуваше времето Кјелце го стигнуваше резултатот и направи комплетен пресврт, дојде и до водство од два гола разлика, 10:8. До крајот на првиот дел Веспрем ја анулираше негативата од два разлика, на одморот се замина со нерешени 13:13. Но во вториот дел Унгарците ја реззедоа комплетно иницијативата и заслужено славеа.
Тренер на унгарската екипа е Давид Дејвис кој изминатите сезони беше дел од стручниот штаб на машката и на женската екипа на Вардар.
Токму вардарци, од 18 часот во второто полуфинале на завршниот „фајнакл фор” турнир во Келн ќе се сретнат со Барселона.