Рафа Надал, 11-кратниот шампион на „Ролан Гарос” забележа лесна победа во осминафиналето на овогодинешното Отворено првенство на Франција. 32-годишниот Шпанец, ставен под број 2 во шемата, го победи Аргентинецот Хуан Игнасио Лондеро со 6:2, 6:3, 6:3. Левичарот од Манакор ќе игра во четвртфиналето со победникот од натпреварот помеѓу Кеј Нишикори (Јапонија) и Беноа Пер (Франција)
Надал, кој за 13-ти пат се пласира во четвртфиналето на „Ролан Гарос”, забележа 6 асови, 40 винери и 25 неизнудени грешки во мечот. Шпанецот има 90 победи и само 2 порази во својата кариера на Гренд слем турнирот во францускиот главен град. Тој исто така има 115 победи и 2 порази на земја во форматот 3 од 5 сета.
По поразот од Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето во 2015 година, Надал е во серија од 20 последователни победи во Париз, освојувајќи 59 од 61 сета што тој ги одигра во оваа серија. Шпанецот е веќе на четврто место во рангирањето за најмногу пласмани во четвртфинале на турнирите од „големата четворка” со 38 настапи.