Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со Заменичката на претседателот и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, Заменик на претседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, Заменик на претседателот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и Заменик на Претседателот на Владата заедолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска се обрати на форумот „2 години Влада – одговорно пред граѓаните.
Во продолжение Ви го испраќаме интегралниот текст од обраќањето на Премиерот Заев.
„Кога го подготвувавме овој настан за одбележување на две-годишнината од работата на Владата, тргнавме од прашањето „Каде бевме и кон каде сме упатени, како држава, како општество, како граѓани?“.
Не отидовме подалеку од ова прашање кое толку силно се наметна како концепт за нашиот отчет за нашата двегодишна работа.
Навистина: каде бевме до 31 мај 2017 година?
Почитувани мои сограѓани,
Сосема свесен за ризикот да ми биде припишана несоодветна споредба, сепак ја преземам одговорноста и ќе речам: Сите ние помогнавме во повторното раѓање на нашата држава. Ја кренавме од пепелта, украсена со најубавите обележја што ѝ ги даривме сите ние – граѓаните. Огромното мнозинство граѓани.
Можеме заедно и искрено да видиме дали е навистина така:
На 27 април 2017 година, земјата беше на работ на насилен преврат. На работ на провалијата. Тоа беше само кулминација на жестокиот отпор на дотогашната владејачка партија, која неколку месеци пред тоа повикуваше на кристална ноќ на долгите ножеви.
Минатото, историјата, можат да бидат учители, но не смее да се дозволи од нив, или заради нив, да не гледаме во иднината. Со поглед свртен кон минатото, единствено што може да се случи е – да се изгубите.
Кога ги презедовме сите иницијативи, прво како опозиција, а потоа како носители на власта, реков дека единственото нешто што не интересира и што секогаш ќе биде наш приоритет, ќе биде иднината.
Ќе го искористам струмичкиот дијалект за да кажам дека во политиката нема: “Ај глеј си раато”.
Јас не влегов во политиката за да си го гледам раатот.
Заедно со моите истомисленици, соработници, голем дел од нив и сопартијци, голем дел од граѓанскиот сектор, со огромното мнозинство граѓани, презедовме акција, си зададовме завет: Време е на светот да му дадеме еден друг Балкан. Балкан на земји кои ги оставиле зад себе предрасудите и историските концесии и кои се свртени кон благосостојба на своите граѓани, кон градењето добри и пријателски односи со своите соседи.
Граѓаните на нашата земја ги прегрнаа и прифатија политиките кои обезбедија да бидеме капетани на нашиот брод, и како капетани на тој брод, да го насочиме кон мирните води и кон сигурните пристаништа, во нашиот случај Европската Унија и НАТО.
За неполни две години ги решивме сите отворени прашања со соседите.
Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на нашата земја. Ја презедовме одговорноста – го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција.
Наша одговорност и должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Го зачувавме, и го потврдивме и го зајакнавме.
Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишуваат во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа.
Заедно со Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други – Избравме иднина, наместо неизвесна и бесмислена изолација.
Тоа е таа одговорност која никој не ја преземаше речиси три децении.
И светот го препозна тоа. Ни оддаде признанија. Не препознаа како рамноправен партнер, како фактор во регионот, во Европа и во светот.
Оваа година го добивме најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста, и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство. За тоа заслужуваме да се израдуваме и да си честитаме сите. Сработивме многу и имаме резултат.
Силно веруваме дека заслужуваме одлука и доверба, што ЕУ ќе ја донесе врз основа на нашите заслуги.
Утре во нашата земја ќе се одржи дводневниот состанок Северноатлантскиот Совет на амбасадорите и на постојаните претставници на земјите членки на НАТО, со кој ќе претседава Генералниот Секретар Јенс Столтенберг. НАТО утре заседава во Скопје.
Оваа чест и привилегија ни припадна како земја која ги оди последните чекори до
полноправно членство во НАТО. Парламентите на 13 земји членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување, што го потпишаа амбасадорите кои денеска допатуваа во нашата земја.
Навистина: Голема е разликата од тоа каде бевме во 2016 година, а каде сме денеска.
Почитувани,
„Едно општество за сите“ е модел за нашата заедничка иднина кој започнува со почитувањето на сите заедници – мозаик во кој различните култури се почитуваат, соработуваат, се надополнуваат и меѓусебно се збогатуваат.
На внатрешен план нема друг победнички концептот освен концептот „Едно општество за сите“. Ниту еден граѓанин нема да биде запоставен. Без разлика на неговата определба по било кој основ.
Во овие две години го затворивме пакетот закони предвиден со Охридскиот рамковен договор.
Немаше зошто да се чека. Од стариот Балкан научивме една лекција: Ако влезеш во процес да го обезличиш другиот, различниот, го започнуваш процесот на своето сопствено обезличување.
Тоа не е европскиот пат. Тое не е патот на единство на различностите.
Ние нема да застанеме на нашиот пат, се додека секој наш граѓанин, без исклучок, не го прифати ова општество како дом еднаков за сите, како дом на сигурност.
Да не престанеме додека поделените училишта не ги направиме заедници на интегрирано образование.
Да не престанеме додека секој наш граѓанин не го прифатиме заради неговите вредности и доблести, да не ги отфрламе оние што одбрале да бидат дел од заедниците различни од вообичаените конвенции.
Да не престанеме додека не го урнеме и последниот ѕид што стои пред секој наш граѓанин и му го оневозможува пристапот кон правда, правна и социјална заштита.
Почитувани,
Ги активираме сите потенцијали за да обезбедиме праведна држава и социјална сигурност затоа што веруваме во инклузивно општество, еднакво општество кое што дава шанса и се грижи за секој поединец.
Пакетот закони за социјалната реформа сега е комплетиран и во сила, и го овозможува спроведувањето на придобивки од непосредна важност на стотици илјади граѓани на нашата земја.
Социјалната помош е зголемена за 300%.
Ги враќаме парите на граѓаните таму каде што се најпотребни – кај најсиромашните, и активираме и услуги коишто на овие наши граѓани ќе им отворат шанси за вработување и трајно решавање на нивниот социјален статус.
Воведуваме социјална правда којашто е основата на секое здраво и напредно општество.
Сега со мерките од реформираниот социјален систем го отпочнуваме процесот на намалување на детската сиромаштија, ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и за првпат воведуваме закон за социјална сигурност на старите лица.
Го проширивме правото на користење на образовниот и детскиот додаток од сегашните 3.000 на над 70.000 деца.
Вложуваме во идните генерации. Секое дете добива еднаква шанса да може да го постигне својот вистински потенцијал во текот на животот. Тоа е нашата цел.
Таа цел нема да се оствари ако не обезбедиме силна економија. Знаевме дека структурните промени, вредносните промени, парадигмата за нашата земја нема да се промени ако не биде поткрепена со силна, реална економија. Не со Потемкинови села од гипс картон.
Со планот за економски раст поддржуваме нови инвестиции, и отворање на нови подобро платени работни места.
Имаме нови рекорди во бројот на странските инвестиции, и нивната вредност.
Со новата индустриска политика поддржуваме нови инвестиции – нови подобро платени работни места за граѓаните.
Ја намаливме невработеноста под психолошката граница од 20 отсто. Тоа се потенцијалите за подобар живот за сите.
Обезбедуваме силна поддршка за домашните компании, привлекуваме нови реномирани странски компании, ја стимулираме меѓусебната соработка меѓу нив, за одржлива економија и континуиран раст.
Обезбедивме еднакви критериуми, транспарентно и отчетно ги поддржуваме сите компании.
Почитувани,
Брзи и коренити промени не се направени само во една или две области.
Реформите за подобро општество за сите, општество втемелено на европски правила, стандарди и вредности, нема да беа можни без длабоки и темелни реформи во правосудниот систем со кои создаваме чесно, независно и ефикасно судство за сите граѓани еднакви пред законот.
Венецијанската комисија даде позитивни мислења. Заклучи дека реформите во правосудството се позитивни и дека постои усогласување на домашното законодавство со меѓународните стандарди. За Законот за Судскиот совет оцени дека одредбите се јасни и во согласност со меѓународните стандарди, а нивната правилна имплементација може да обезбеди независност и ефикасност на судството.
Во новиот Закон за Судскиот совет имаме воспоставени механизми за одговорност доколку не ја врши својата работа.
Со измените на Законот за судовите се доуредија и зајакнаа одредбите за дисциплинска одговорност на судиите, прецизни основи за разрешување на судиите, покачување на критериумите за избор на судии, како и задолжителна Академија за избор на судии.
Еве ја разликата: За прв пат од нашата независност, покренати се кривични постапки за одговорност за злоупотреба на АКМИС системот.
Сега анализите покажуваат дека претседателите не се дрзнуваат да распределуваат предмети под рака или на недозволив и незаконит начин.
Круна на целокупната работа беше донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, и изборот на новата антикорупциска комисија, што покажува дека навистина имавме искрена и добра волја во креирањето на законската рамка.
Оваа голема промена се гледа во секојдневните активности на ДКСК, каде гледаме посветено работење коешто ги дава своите резултати.
Врвен приоритет на нашите политики беше и концептот на отворена и отчетна влада, како столбови во борбата против корупцијата. Воведовме задолжителна транспарентност и отчетност за секоја институција и на секој избран и именуван функционер.
Ги елиминиравме сите можности за злоупотреба и контрола на медиумите. Ги ослободивме медиумите од притисок со цел слободно, независно и професионално да ја извршуваат својата улога како коректив на власта. Преземените мерки ја качија земјата за 14 места на листата за слободата на медиумите на Репортери без граници.
Ги менуваме односите во администрацијата, за да обезбедиме квалитетни услуги за граѓаните.
Во делот на квалитетни здравствени услуги ја почнавме постапката за изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита што ќе обезбеди врвни услови за работа на медицинскиот кадар, за негов развој во струката, за достојни плати.
На овој начин ќе се обезбеди и беспрекорна услуга на граѓаните. По спроведени анализи, а врз основ на студијата за изводливост на проектот за преместување на Универзитетски Клинички Центар, како и податоците доставени од клиниките, предложен е концепт на интегриран објект со потребна квадратура од апроксимативни 102 илјади метри квадратни, за потребните 1300 болнички легла, 20 операциони сали, 4 ангиографски сали, 8 родилни сали и 65 амбуланти за специјалистичко консултативна дејност.
Почитувани,
Уште во стартот на работењето на новата влада, после драматичната криза што ја предизвика водечката партија на претходната влада, побаравме соработка и поддршка од опозицијата.
За некого тоа беше чудна понуда ако се знае дека штетата што ја направија додека беа на власт ја уназади земјата во многу сфери.
Тоа го направив и во мојот прв говор како премиер во Собранието, а го повторувам постојано, зашто сметам дека Северна Македонија треба да ја градиме и понатаму со консензус од мнозинството од граѓаните.
Опозицијата треба да го препознае тоа, да го даде својот придонес и да се вгради во остварувањето на интересите на Република Северна Македонија, и во интерес на сите граѓани.
Почитувани,
Ја кренавме Република Северна Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на пет столба. На столбовите за Силна еконимија која нуди шанса за сите, на столбот за Грижата и влогот во луѓето, на столбот Едно општество за сите, на столбот Отворена Влада и на нашите стратешки интереси – Членство во НАТО и Европската Унија, преку реформи со кои создаваме држава по европски страндарди.
Врз најдоброто наследство од минатото, создаваме држава со сосема извесна европска иднина.
Иднина за Северна Македонија со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото.
Ова е нашиот придонес за генерациите после нас. Ова се задачите кои ги исполнивме, кои донесоа суштински промени – ослободување на државата од заробеноста, процес на деинсталација на режим и интегрирација на земјата како пример кој блеска на Балканот.
Барем така велат Европјаните во најновиот извештај за напедокот на нашата земја.
Но, извештајот не е доволен за граѓаните на Северна Македонија. Време е Европа да ја исполни својата задача пред своите Европјани – Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Северна Македонија – се Европјани. Европјаните од Северна Македонија и Владата на Северна Македонија чекаат јасен потег од Европската Унија“